Меѓународна соработка

Во услови кога бројот на катастрофи на глобално ниво расте а последиците предизвикани зад себе оставаат човечки жртви и огромни материјални штети, соработката меѓу државите веќе не е потреба, тоа денес е неопходно. Во таа смисла поврзувањето на државите денес се одвива на неколку нивоа и преку широк спектар на активности.

Со потпишувањето на билатералните договори, активното учество во регионалните иницијативи и соработката со водечките меѓународни организации, Република Македонија пред се активно работи за зајакнување на националниот систем за заштита и спасување на населението и материјалните добра од природни непогоди и други несреќи и дава свој придонес за поголема интероперабилност на регионот и пошироко

Дирекцијата за заштита и спасување е носител на меѓународните активности на Република Македониjа поврзани со заштитата од природни непогоди и други несреќи.

Билатерална соработка

Основната цел и предмет на меѓународните договори во делот на заштитата и спасувањето е формирање на правна рамка за воспоставување на соработка во делот на превенцијата, подготвеноста, давањето и приемот на помош и отстранување на последиците предизвикани од големи катастрофи. Дополнително со билатералните договори се дава можност за размена на знаења и искуства, учество во заеднички проекти, организација на курсеви, семинари и вежби и поттикнување на развој на материјално-технички средства и опрема.

Потпишаните билатерални договори подлежат на процес на ратификација после што стануваат дел од правниот систем на Република Македонија.

До сега Република Македонија има потпишано билатерални договори со следниве држави:

  • 1. Босна и Херцеговина- потпишан на 20.03 2008 година во Скопје
  • 2.Црна Гора - потпишан на 12.12.2008 година во Подгорица
  • 3.Унгарија - потпишан на 10.09.2009 година во Скопје
  • 4.Словенија - потпишан на 14.10.2010 година во Загреб
  • 5.Хрватска - потпишан на 14.10.2010 година во Загреб

Во тек се преговорите со Бугарија, Србија и Италија за утврдување на конечна верзија на текстот на договорот и нивно потпишување.

На 16.09.2010 година во Скопје потпишан е Меморандум за разбирање за соработка во делот на цивилната заштита со Данската агенција за управување со вонредни ситуации. Со овој Меморандум се отпочнува неколку годишен проект кој треба да резултира во зајакнување на капацитетите на Дирекцијата за заштита и спасување пред се во делот на изведување на обуката на силите за заштита и спасување но и зајакнување на капцитетите за планирање и одговор при природни непогоди и други несреќи

Билатерална соработка се реализира и со други држави со кои Република Македонија нема потпишано билатерален договор преку различни програми и проекти.

 

Регионална соработка

Овој вид на соработка се реализира преку учество на Република Македонија во неколку регионални иницијативи

Иницијатива за подготвеност и превенција од катастрофи за Југоисточна Европа (DPPI SEE)

Иницијативата за подготвеност и превенција од катастрофи за Југоисточна Европа произлезе од Третата работна маса на Пактот за стабилност на Југоисточна Европа. Како резултат на трансформацијата на Пактот за стабилност во денешниот Регионален Совет за Соработка и се понагласената потреба за потенцирање на значењето на Иницијативата за подготвеност и превенција од катастрофи, на состанокот одржан во Загреб во септември 2007 година, 8 држави(Албанија, Бугарија, Црна Гора, Македонија, Молдавија, Романија, Словенија и Хрватска) го потпишаа Меморандумот за разбирање за институционалната рамка на Иницијативата за подготвеност и превенција од катастрофи(DPPI SEE), со што се воспостави рамакта за правата и обврските на државите потписнички во рамки на Иницијативата.Во декември 2009 година Собранието на Република Македонија го ратификуваше Меморандумот за разбирање и денес тој е дел од правниот систем на Република Македонија.

Денес Иницијативата има 13 држави членки, а партнери се меѓународни организации како ОН, НАТО, ЕУ, Агенцијата за развој од Швајцарија, Данската агенција за управување со вонредни ситуации и други релевантни меѓународни организации и институции. Согласно Меморандумот, водечка улога во работата на Иницијативата има Претседавачот со истата. Мандатот на Претседавачот е една календарска година по што следи примопредавање по однапред предвидена процедура. Задачата на Претседавачот е да врши надзор над сите активности во рамките на Иницијативата, да ги организира редовните состаноци, да лобира за средства за имплементација на проекти, да ја претставува Иницијативата и да реализира меѓународна соработка со останати меѓународни организации и релевантни институции. Република Македонија имаше чест да претседава со Иницијативата во 2009 година кога се реализираа следниве активности:

  • Организирани се и реализирани два редовни регионални состаноци,
  • Потпишан е Меморандум за разбирање со UNDP
  • Обезбеден е грант од 40.000 USD од Владата на САД
  • Се изработи првата верзија на Стратегијата на Иницијативата за 2009-2011 година.

Во рамките на Иницијативата во тек е реализацијата на неколку регионални проекти, и тоа:

  • 1. Проект за формирање на тимови за брз одговор во случај на поплави (JERU Project), со кој се предвидува не само формирање и тренинг на тимовите туку и нивно опремување со соодветна опрема за интервенции во услови на поплави, така што предвидено е секоја земја учесник во проектот треба да добие опрема во вредност од околу 50.000 EUR.
  • 2. Проект за хармонизација на мапите за сеизмички ризик, со кој треба да се постигне единствена методологија на дефинирање на сеизмичкиот ризик, што понатаму би се користело во определувањето на Проценката на загрозеност од овој вид опасност. И во овој проект секоја земја треба да добие опрема во вредност од најмалку 80.000 EUR.
  • 3.Проект за формирање на тимови за брз одговор за борба со пожари на отворен простор(JFFU Project), со кој ќе се зголеми интероперабилноста и мобилноста на противпожарните единици во регионот и поефикасен настап при ваков вид на појави. Во 2011 година започна втората фаза од овој проект под раководство на Република Македонија. Во првата фаза од овој проект се обучија 72 пожарникари од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска и се реализираше заедничка вежба. Во периодот што следи на сличен начин ќе се реализираат вакви активности и со останатите земји членки на Иницијативата.
  • 4.Проектот за управување со катастрофи и тренинг претставува всушност годишна програма на тренинг активности во рамките на Иницијативата. Секоја година на својот прв редовен состанок државите членки декларираат потреби и капацитети за тренинг во тековната година. Овие активности се финансирани од буџетот на Иницијативата и од страна на организациите партнери. Вообичаено во рамките на овој проект се организираат 12-15 тренинг активности.

Совет за цивилно-воено планирање во вонредни ситуации за Југоисточна Европа (CMEP SEE)

Советот за Цивилно воено планирање на земјите од Југоисточна Европа(ЦМЕП ЈИЕ) е формиран со потпишување на Договор во април 2001 во Софија, Република Бугарија. Договорот од страна на Република Македонија го потпиша Душан Ѓорѓиевски помошник на Министерот за одбрана-Раководител на Сектор за цивилна заштита, со полномошно издадено од Владата на Република Македонија. Истиот Договор е ретификуван од Собранието на Република Македонија и објавен во Службен весник на РМ бр.70/2004 година.Договорот предвидува формирање на правна рамка, неопходна за непосредно и ефиксано планирање и координација на достапните ресурси за интервенција и помош при катастрофи.

Во рамките на Советот на ЦМЕП за ЈИЕ функционираат неколку работни групи:

  • Работна група за планирање и вежби,
  • Работна група за стандарди и процедури
  • Работна група за информатичка технологија и управување со информации.

Дирекцијата за заштита и спасување како носител на активностите во рамките на единствениот систем за заштита и спасување од природни катастрофи и други несреќи, активно учествува во работата на Советот на ЦМЕП за ЈИЕ. Во 2005 година Дирекцијата за заштита и спасување беше претседавач со оваа иницијатива и организатор на компјутерски-асистирана вежба одржана во Охрид од 29.08.2005 до 01.09.2005. Основна цел на вежбата беше да се увежбуваат процедурите и можностите на Советот на ЦМЕП и на НАТО за понуда и прием на помош при природни катастрофи. Сценариото на вежбата разработуаваше земјотрес во Скопје со оштетување на брана Матка поради што е активиран Главниот штаб на Дирекцијата за заштита и спасување заради справување со последиците од настанот. Сите решенија донесувани од Главниот штаб на Дирекцијата за заштита и спасување беа во координација со земјите од регионот како членки на Советот на ЦМЕП и НАТО преку Евроатланскиот координативен центар за справување со катастрофи.

Дирекцијата за заштита и спасување во периодот 2005-2010 година, активно работеше на ЦМЕП Упатството кое претставува практична алатка во процесот на барање и понуда на помош преку формулирање на стандардни оперативни процедури за таа намена. Преку работните групи за планирање, стандардни оперативни процедури и вежби, групата за информатичка технологија и групата за јавно информирање, во континуитет се работеше на зајакнување на националните и регионалните капацитети за справување со природни катастрофи и други несреќи во рамките на Советот на ЦМЕП за ЈИЕ.

Во 2009 година, Дирекцијата за заштита и спасување, во рамките на ЦМЕП беше повторно организатор на компјутерски асистирана вежба. На ЦМЕП-ТТХ 08, присуствуваа вкупно 97 учесници.Од нив 49 беа претставници на национални институции од РМ а 48 беа од странство и претставници на меѓународни организации во РМ(ООН и НАТО).Од поканетите земји на вежбата имаше претставници од Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија, Турција, Украина, Хрватска и Црна Гора.Националните институции беа претставени преку Министерството за одбрана, АРМ, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за здравство, Министерството за образование, Министерството за животна средина и просторно планирање, Центарот за управување со кризи, УХМР, ИЗИИС, Црвен Крст, АД „ОХИС", ППБ на Град Скопје. Вежбата од страна на Инжинерискиот корпус на Армијата на САД беше оценета како исклучително успешна.