28/03/2024

Обука и вежба со Тимот за брз одговор за заштита и спасување на планина - Попова Шапка

Денес, во скијачкиот центар "Попова Шапка", се одржа обука и вежба за спасување од лавина. На предвидениот настан учествуваа Тимот за брз одговор за заштита и спасување на планина од ПОЗС – Тетово и вработени лица од Дирекцијата за заштита и спасување, предводени од директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, д-р Беким Максути.

Пред почетокот на вежбата, беше  демострирана и опремата со која располага Тимот за брз одговор – Тетово и според планот подготвен од страна на проф. Борис Стојановски, се одржа кратко предавање на тема „Како да се заштитиме од лавина од снег“. Според планот на симулирана вежба за спасување на изгубено лице зафатено од лавина,  ТБО – Тетово ги покажа своите вештини за спроведување на акцијата за пронаоѓање на изгубеното лице во лавината. Припадниците на ТБО, по пронаоѓање на лицето, му укажаа прва медицинска помош, потоа, со наместена жичара истото беше спуштено и пренесено со санка од двајца спасители до медицинскиот пункт, а понатаму, со АТВ-моторно возило со санка, транспортирано до возилото на Итна медицинска помош.

Директорот на ДЗС,  Беким Максути го поздрави денешниот настан, при што најави дека ќе бидат спроведени сите понатамошни обуки и вежбовни активности планирани за 2021 година, поради тоа што се значајни за зголемување на подготвеноста  при справување со несреќи и делување во итни ситуации.

По настанот,  на припадниците на ТБО Тетово, проф. Борис Стојановски и Зоран Петровски, во знак на  досегашната успешна соработка и несебичен ангажман, а воедно и по повод нивно „пензионирање“, им беа врачени благодарници.