28/03/2024

Билатерална средба со делегација од државата Израел

Во контекст на развојот на меѓународната, а посебно на билатералната соработка, денес реализиравме работна средба со делегација на државата Израел, предводена од Амбасадорот на Израел, Н.Е. господин Дан Орјан. Во негова придружба беа господин Хаим Бекер, претставник на компанијата ЕЛТЕЛ од Израел,  почесниот конзул господин Градимир Шумковски и неговиот соработник, господин Клисаров. При посетата беше презентирана компанијата ЕЛТЕЛ, која преку своето портфолио обезбедува услуги на владини институции, посебно на израелската армија, како што се обуки, симулации, изработка на сеопфатни планови за управување со катастрофи и др. Специјализирана е и има искуство во гранично обезбедување, заштита на критична инфраструктура, детекција и декодирање системи и сл. Компанијата ги следи современите текови и предизвици и е посветена кон развојот на супериорни технолошки капацитети, наменети за безбедност и сигурност на граѓаните и општеството. Се разгледува можноста во Македонија да се организира циклус на последователни проекти во сите фази на процесот на управувањето со катастрофи, со вклучување на претставници од релевантните институции. Целта е  синхронизиран и координиран одговор на катастрофите, како резултат на претходно креиран единствен план и процена. Со ваков пристап, на кој ќе му претходат серија обуки, вежби и симулации, чии резултати сериозно ќе се анализираат и ќе се отстранат сите слабости. Искуствата кои државата Израел ги стекнала на овој начин, покажуваат дека на овој начин се намалува времето потребно да се спасат човечките животи, а се зголемува ефикасноста во дејствувањето. Дирекцијата за заштита и спасување изразува поддршка кон овој проект, во кој ќе се вклучат и Министерството за здравство, противпожарните единици, МВР, но и Црвениот крст на РМ.