29/03/2024

Одржан работен состанок во Дирекцијата за заштита и спасување со ТППЕ

На ден 11 септември 2018 година, во Касарната Гоце Делчев во Скопје, по покана на Директорот Аднан Џафероски е одржан работен состанок на кој присуствуваа командирите на територијалните противпожарни единици во Република Македонија со основна цел согледување на состојбата и размена на мислења со присутните за проблемите и активностите на ТППЕ и концептот за идниот развој и функционална поставеност. На состанокот присуствуваа заменик министерот Дејан Павлевски со соработниците од Министерството за локална самоуправа, помошник Директорот на Бирото за јавна безбедност Тони Станковски од Министерството за внатрешни работи со соработниците, раководителот на сектор за заштита и спасување од ЕЛС на Град Скопје и вработените од Дирекцијата за заштита и спасување.

Појдовна основа за расправа беа заклучоците од прелиминарниот состанок на оваа тема одржан минатата година на 07.09.2017 година. Во расправата е повторно констатирана незавидна состојба на пожарникарството во Република Македонија, организираноста и делувањето на ТППЕ, напластените проблеми во областа на нормативното делување, работните односи, човечките ресурси,опремувањето,распределбата и одржувањето на МТС и опрема,проблемите во врска со обуката,оспособувањето за звањето пожарникар и финансирањето.

Заклучено е да се формираат работни групи со цел да се предложат итни мерки до Владата и надлежните структури во Републиката со цел да се изнајде системско решение за оперативно делување на ТППЕ и статусно решавање во рамките на утврдената дејност.