🤝

Меѓународна соработка и партнерства

Дирекцијата за заштита и спасување на Република Северна Македонија

Меѓународна соработка

Денешните природни и од човекот предизвикани катастрофи не познаваат граници. Пожарите, поплавите, земјотресите, другите големи несреќи и климатските промени, бараат заеднички и сéопфатен одговор. Дирекција за заштита и спасување активно работи на развивање силни и практични партнерства со земјите од регионот, Европската Унија, Обединетите нации, НАТО, и други меѓународни и регионални организации и тела.

Преку меѓународната соработка се овозможува:

-          Размена на искуства, знаења и добри практики во областа на заштитата и спасувањето;

 

-          Заеднички обуки, вежби и оперативни подготовки за справување со природни и други несреќи;

 

-          Пристап до техничка и експертска поддршка од странски партнери и меѓународни организации;

 

-          Зајакнување на капацитетите на националните институции преку проекти финансирани од ЕУ, НАТО, ООН и други донатори;

 

-          Брза мобилизација на помош и ресурси преку механизми за меѓусебна помош и прекугранична соработка;

 

-          Усогласување со меѓународните стандарди и законодавството во областа на управувањето со кризи и цивилната заштита;

 

-          Продлабочување на регионалната стабилност и солидарност во заедничкото управување со катастрофи.

Одделението за меѓународна соработка при Дирекцијата е главен носител и координатор на сите меѓународни активности, што опфаќа:

-          Иницирање, координирање и спроведување на билатерална и мултилатерална соработка со странски институции, држави и меѓународни организации;

 

-          Подготовка и усогласување на текстови на договори, меморандуми и планови за соработка;

 

-          Следење на спроведувањето на договорените активности и обезбедување институционална континуираност во меѓународната комуникација;

 

-          Учество во меѓународни програми и проекти, како и управување со проекти финансирани од Европската Унија и други донатори;

 

-          Размена на информации, добри практики и експертски знаења со партнерски организации;

 

-          Организирање и учество на меѓународни конференции, обуки, студиски посети и симулациски вежби;

 

-          Подготовка на извештаи, анализи и препораки во доменот на меѓународната соработка;

 

-          Обезбедување административна и логистичка поддршка при ангажирање на меѓународна помош во време на катастрофи преку механизми како што се ЕУ Механизмот за цивилна заштита (UCPM), НАТО Евроатлантскиот центар за координација при одговор во катастрофи (EADRCC) и ОН.

 

-          Спроведување на процедурите за поддршка на земјата домаќин при прием на меѓународна помош;

 

-          Во соработка со надлжните институции (МВР, Управа за царина, Гранична полиција, ЈП државни патишта и др. ), олеснување на процедурите при транзит на меѓународни спасувачки тимови и помош низ територијата на Северна Македонија.

 

 

 

Одделението за меѓународна соработка  e Национален координатор и контакт точка за:

·         UCPM - Европскиот Механизам за цивилнa заштита;

·         DPPI SEE - Иницијативата за превенција и поготвеност од катастрофи за земјитe од Југоисточна Европа и

·         UNDRR - Рамката Сендаи за намалување на ризикот од катастрофи 2015-2030 година и за воспоставување или зајакнување на национални и локални платформи за намалување на ризикот од катастрофи (DRR) .

Дирекцијата за заштита и спасување на Република Северна Македонија активно ја унапредува билатералната, регионалната и меѓународната соработка преку потпишување на договори и меморандуми за разбирање со партнерски институции, со цел зајакнување на капацитетите за заштита и спасување, размена на искуства, меѓусебна помош и подобрување на регионалната и меѓународната координација при справување со природни и други непогоди.

I.                    БИЛАТЕРАЛНИ ДОГОВОРИ

Република Северна Македонија има потпишано билатерални договори за соработка во областа на заштитата и спасувањето со следниве држави:

  • Босна и Херцеговина – потпишан во 2008 година
  • Црна Гора – потпишан во 2008 година
  • Унгарија – потпишан во 2009 година
  • Словенија – потпишан во 2010 година
  • Хрватска – потпишан во 2010 година
  • Бугарија – потпишан во 2017 година
  • Во 2021 година е потпишан Договор за соработка во областа на заштитата од катастрофи на Западен Балкан помеѓу Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија.
  • Во 2022 година, во рамките на овој договор, беше потпишан Оперативен план за цивилна заштита со цел унапредување на регионалната координација и заедничките капацитети за одговор при катастрофи.

II.                  МЕМОРАНДУМИ ЗА СОРАБОТКА

  • Меморандум за соработка во областа на цивилната заштита помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Грција – 2021 година
  • Меморандум за соработка помеѓу Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за внатрешни работи – Управа за управување со катастрофи и вонредни состојби на Република Турција - 2022 година
  • Рамковен договор за соработка со НАТО Центарот за извонредност за управување со кризи и одговор на катастрофи (CMDR COE) во Софија, Бугарија -  2021 година
  • Меморандум за разбирање и соработка помеѓу Дирекцијата за заштита и спасување и Данската агенција за управување со вонредни состојби (DEMA) - 2010 година.

III.               РЕГИОНАЛНИ ДОГОВОРИ И ИНИЦИЈАТИВИ

 

·         Меморандум за разбирање за институционалната рамка на Иницијативата за подготвеност и превенција од катастрофи за Југоисточна Европа (DPPI SEE) – потпишан во 2007 година во Загреб.

 

Преку оваа иницијатива:

-          учествуваме во изготвувањето на годишната програма за обуки за справување со катастрофи

-          взаемно развиваме политики за управување со катастрофи,

-          учество во специјализирани курсеви и обуки

-          разменуваме информации за ризици,

-          размена на експерти и ресурси

-          организираме штабни и тернски вежби

-          заедничко обучување на спасувачки тимови,

-          координација при прекугранични инциденти

  • Договор за основање на Совет за цивилно-воено планирање за вонредни состојби (CMEP) за Југоисточна Европа –2001 година. Програмата за подготвеност за цивилно-воени вонредни ситуации (CMEP) е иницијатива на САД фокусирана на подобрување на подготвеноста за катастрофи во земјите-партнери. Таа има за цел да ја подобри способноста на земјата да управува со последиците од катастрофи од сите видови опасности преку поттикнување на цивилно-воената соработка и зајакнување на националната и регионалната отпорност. Програмата става акцент на подготвеноста за катастрофи пред одговорот и промовира одржливи ангажмани за намалување на зависноста од меѓународни распоредувања во голем обем;
  • Членство во Отворениот делумен договор за големи опасности EUR-OPA. во 1987 година, во рамките на Комитетот на министри на голем број европски држави на Советот на Европа, беше одлучено да се воспостави Меѓувладин договор за прашања поврзани со справување со големи катастрофи. Договорот е отворен за секоја друга земја што сака да стане членка. Целта на Договорот е соработка и размена на искуства и информации меѓу земјите од Источна и Западна Европа и земјите од јужниот Медитеран во справувањето со големи катастрофи и истиот моментално вклучува 22 земји-членки, меѓу кои и  Северна Македонија
  • Јадранско-јонска иницијатива, која има 2 столба: безбедносни и антикриминални акции во областа и постепен, но систематски планиран развој . Иницијативата е  презентирана од Италија на Европскиот совет во октомври 1999 година и поддржана од ЕУ и Грција. Целта и областите на соработка се утврдени во Анкона во 2000 година, со учество на земјите од крајбрежјето на Јадранско-јонско Море. Северна Македонија е членка од 2018 година, со потпишувањето на Декларацијата за развој и безбедност во Јадранското и Јонското Море од 2020 година.
  • SEEMACC (Координативен совет за деминирање во Југоисточна Европа) е платформа за состаноци и форум за споделување знаење, каде што националните органи за деминирање се во можност да разменуваат искуства и знаења за деминирање, развиваат одржливи регионални програми во корелација со економскиот и земјоделскиот развој, да учетвуваат во напредна обука на експерти и персонал за деминирање, да воспостават заеднички стандарди и процедури за деминирање. Имајќи го тоа предвид, намерата на SEEMACC е да се елиминира секое преостанато влијание од мини и неексплодирани убојни средства во Југоисточна Европа, а воедно да се стреми кон зголемување на економскиот и социјалниот развој во регионот.

Во SEEMACC членуваат следните 8 национални организации за деминирање:

-          Канцеларија за координација на мини и муниција на Албанија- AMMCO

-          Национална агенција за деминирање на Азербејџан - ANAMA

-          Центар за деминирање на Босна и Херцеговина - BHMAC

-          Центар за деминирање на Хрватска- CROMAC

-          Меѓународен фонд за зајакнување на човековата безбедност - ITF

-          Дирекција за заштита и спасување на Република Северна Македонија - PRD

-          Регионален центар за подводно деминирање на Црна Гора - RCUD

-          Центар за деминирање на Србија – SMAC

·         Северна Макеоднија е дел од регионални процеси преку Регионалниот совет за соработка (RCC) и Унијата за Медитеранот.

 

IV.               СОРАБОТКА СО ЕВРОПСКА УНИЈА

 

·         Согласно Одлуката бр. 1313/2013/ЕУ на Европскиот парламент и Советот од 17 декември 2013 година, на 28 март 2023 година беше потпишан нов Договор за учество на Република Северна Македонија во Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија (реф. Ares (2023)2227100 - 28/03/2023). Со потпишувањето на овој договор, се обезбедува континуирана интеграција и размена на ресурси и експертиза со државите членки на Унијата. Истовремено, со ова се поништува претходниот договор од 31 октомври 2014 година.

Северна Македонија е активен учесник во Механизмот за цивилна заштита на ЕУ (UCPM).

 

Преку овој механизам, нашата држава:

-          учествува во спасувачки мисии, обуки и вежби (ДЗС има номинирано Национален координатор за обуки во UCPM),

-          користи меѓународна помош и спроведува процедури на Поддршка на земјата домаќин

-          користи алатки за координација како што се ERCC (Координтивен центар за итен одговор), CECIS (инфрматички и комуникациски систем за размена на информации), Copernicus EMS (служба за управување со вонредни ситуации), EFFIS (Европски информациски систем за шумски пожари), ECPP (Европскиот базен за цивилна заштита), rescEU, европската резерва за опрема (авиони за гаснење пожари, медицински тимови и опрема, ХБРН и сл.),

-          преку Мрежата за знаење за цивилна заштита на Унијата (Union Civil Protection Knowledge Network), дел сме од европската заедница на обучувачи, планери, истражувачи и практичари во областа на цивилната заштита.

-          Преку програмите на ЕУ, како што се  Инструментот за предпристапна помош (ИПА), Cross-border initiatives,  Horizon Europe, Erasmus+, TAFF и др., учествуваме во спроведување и имплементација на меѓународни проекти.

-          ДЗС активно учествува во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, со свој придонес во поглавјата 27 (животна средина и климатски промени) и 30 (надворешни односи).

V.                 СОРАБОТКА СО ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ

Со поддршка од Канцеларијата на ОН за намалување ризик од катастрофи UNDRR учество во спроведувањето Сендаи рамката 2015–2030 – глобален договор за намалување на ризикот од катастрофи. Интензивна соработка  со Канцеларијата на  ОН за програма за развој UNDP   во Скопје, преку учество во проекти и активности поврзани со намалување на ризици и зајакнување на капацитетите за одговор при катастрофи. Остваруваме комуникација и со Канцеларијата на ОН за координиција на интернационални хуманитарни интервенции UN-OCHA.

Северна Македонија е членка и на:

-          Конвенцијата за прекугранични индустриски несреќи

-          Хашката конвенција за заштита на културното наследство при катастрофи и конфликти

VI.               СОРАБОТКА СО НАТО

Во рамките на Цивилното планирање за итни состојби (CEP), и НАТО Координативниот центар за катастрофи (EADRCC) и другите структури на НАТО, ние:

-          Разменуваме информации и предупредувања поврзани со катастрофи и итни ситуации;

-          Учествуваме во планирање и координација на заеднички вежби и обуки за подобрување на капацитетите за реагирање;

-          Ја зголемуваме интероперабилноста и оперативната подготвеност на националните институции со партнерите од НАТО;

-          Воспоставуваме механизми за брза мобилизација и поддршка при прекугранични и регионални итни ситуации;

-          Го зајакнуваме капацитетот за координација на меѓународна помош и поддршка во случаи на големи несреќи;

-          Промовираме цивилно-воена соработка како основа за подобро справување со комплексни кризни ситуации.

VII.             МЕЃУНАРОДНИ ВЕЖБИ

Нашите тимови за заштита и спасување учествуваат во:

  • EU MODEX вежби – симулации на земјотреси, поплави, пожари
  • NATO EADRCC вежби - мултинационални сценарија за итни случаи
  • DPPI SEE обукиспецијализирани обуки и вежби, командна координација, работа во меѓународна средина
  • Билатерални обуки и вежби – со Франција, Грција, САД, Србија, Бугарија и др.

Овие активности ги подготвуваат нашите тимови за вистински предизвици, овозможуваат тестирање на процедури и опрема и развиваат соработка со партнерите.

 

VIII.           БАРАЊЕ МЕЃУНАРОДНА ПОМОШ

Република Северна Македонија е изложена на различни природни и антропогени ризици кои се закана за животите, здравјето и имотот на населението, како и за животната средина.

Во случај на катастрофи од големи размери и кога националните ресурси се недоволни или исцрпени, државата може да побара или понуди помош преку:

-          ЕУ механизмот за цивилна заштита (UCPM)

-          Обединетите нации (UN-OCHA)

-          НАТО (EADRCC)

-          Постоечки билатерални договори

Помошта може да вклучува:

-          спасувачки тимови,

-          експерти,

-          логистика

-          опрема,

-          финансиски ресурси.

За секое барање или пружање помош, одлука носи Владата, а координацијата се спроведува со надлежните институции.

Следниве примери претставуваат илустрација за обемот на несреќи кои бараа сеопфатна подготвеност, координација и меѓународна соработка и помош:

  • 2016 – Поплави во Скопскиот регион:
    Како резултат на силна бура и поројни дождови, зафатена беше површина од околу 30 км². Поплавниот бран висок околу 2 метри предизвика човечки жртви, уништување на домови, патишта и инфраструктура. Настанот беше класифициран како катастрофа со висок интензитет, а беше побарана и добиена меѓународна помош
    , билатерално и преку ЕУ механизмот за цивилна заштита.
  • 2017 – Шумски пожари:
    Регистрирани се 1.787 пожари
    ( од кои 301 со голем обем), што зафатија над 8.000 хектари, од кои 70% беа шуми. Беа ангажирани 840 пожарникари од сите територијални противпожарни единици и 503 припадници на Републичките сили на Дирекцијата за заштита и спасување, со поддршка од МВР и МО/АРСМ. Помош беше добиена билатерално и преку ЕУ механизмот за цивилна заштита.
  • 2020–2021 – Пандемија COVID-19:
    Пандемијата предизвика значителни здравствени, економски и социјални последици. Беше побарана и добиена меѓународна помош билатерално и преку механизми како што се
    ЕУ механизмот за цивилна заштита и други партнери.
  • 2021 – Шумски пожари:
    Зафатени беа над 12.300 хектари, со уништени над 490.000 м³ шумска маса. Најголемите последици беа во источниот дел од земјата, со еколошки оштетувања што ќе бараат децении за обнова. Помошта беше обезбедена и
    билатерално и преку ЕУ механизмот за цивилна заштита
  • 2024 – Шумски пожари:
    Според
    EFFIS, изгореа над 85.000 хектари. Во август се појавија голем број интензивни пожари, поради што беше побарана и добиена билатерална и европска помош.
  • 2025 – Голем пожар во ноќен клуб во Кочани:
    Настанот резултираше со 62 загинати и 193 повредени
    лица, со тешки изгореници и респираторни компликации. Беше побарана меѓународна помош за MEDEVAC и хоспитализација. Помошта беше добиена преку ЕУ механизмот за цивилна заштита и билатерално.

Во изминатите години, Северна Македонија преку Дирекцијата за заштита и спасување, учествуваше во следните спасувачки мисии:

  • 2012 – поплави во Албанија – тимови за спасување од поплави
  • 2014  - поплави во Србија и БиХ - тимови за спасување од поплави 
  • 2019 – земјотрес во Албанија – тимови за пребарување и спасување од урнатини од Северна Македонија
  • 2022 – претставник од Дирекцијата за заштита и спасување, за прв пат е член во Европскиот тим за цивилна заштита во мисија  во Полска, за координација на меѓународната помош од Европа за Украина
  • 2023 – земјотрес во Турција – тимови за пребарување и спасување од урнатини

Контакт и координација

За сите наведени меѓународни активности, комуникација и  координација, надлежнo e Одделението за меѓународна соработка при ДЗС.

Раководител на одделението:

Валентина Атанасовкса 

e-mail: valentina.atanasovska@dzs.gov.mk