27/04/2024

СВЕТОТ ГО ОДБЕЛЕЖУВА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ПЛАНИНАТА


Секоја година 11 декември се слави како Светски ден на планината, ден кој за Македонија како планинска земја е исклучително важен.
Планините покриваат околу 22 проценти од површината на земјата и 13 проценти од светската популација живее во овие предели. Дури 90 проценти од луѓето кои живеат во планинските предели се жители кои доаѓаат од земјите во развој, каде голем дел од луѓето живеат под прагот на сиромаштијата и 1 од 3 лице се изложени на опасност од недоволна храна.
 Планините нудат 60 – 80 проценти од свежата вода со која се снабдува населението во светот. Според ОН дури една милијарда луѓе живеат во планински предели и преку половина од светската популација е зависна од планините за снабдување со вода и храна.
Планините се соочуваат со ризикот кој го наметнуваат климатските промени, а континуираното зголемување на температурите влијае на планинските предели, со големи поплави во одредени региони во светот, како последица од топењето на мразот.
 Македонија е планинска земја. Планините се исклучително значајни бидејќи дури 80% од територијата на државата е сочинета од планини. Има околу 40 планини од кои 12 се повисоки од 2000 метри надморска висина, што ја прави единствената држава во Европа со толкав број на планини и планински масиви на својата површина.
Највисок планински врв е Голем Кораб со својата висина од 2764 мнв, а има дури 85 врва со висина од над 2000 метри.
 И Дирекцијата за заштита и спасување се приклучува кон одбележување на овој ден со цел зголемување на  важноста на планината за секојдневниот живот, како и да се придонесе кон создавање на партнерства кои ќе донесат позитивни промени во нивната заштита.